Search This Blog

Sunday, May 28, 2006

Кого запослува Владата во администрацијата

Лаици ја чуваат македонската историја

Мери Јордановска

Ниту еден од триесетината дипломирани архивисти во последниве шест години не може да најде работа во Државниот архив на Македонија. Дипломците и нивните професори се револтирани и сметаат дека културното наследство во Македонија се уништува, бидејќи наместо архивисти се вработуваат нестручни лица со средно образование, без да се објави оглас.

- Ќе се уништи целата документација за македонската историја кога ја раководат необучени луѓе.
Нашите студенти дипломираат и магистрираат за да го чуваат ракописното наследство. Тоа е создадено уште од времето на македонската револуционерна организација, кога Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев и Никола Карев создале документација од огромно значење за развојот на македонското дело. Замислете како за тоа дело ќе се грижи некој што поминал едномесечен курс – велат професори што предаваат на Катедрата историја со архивистика на Философскиот факултет во Скопје.

Во некои подрачни единици на Државниот архив неодамна биле вработени лица со средно образование, наспроти дипломците и магистрите обучени за таа работа, дознава „Време“. Тие тврдат дека вратите на Државниот архив им се целосно затворени и дека не можат ниту да волонтираат.

- Документи стари по 100 години ги архивираат нестручни лица. Станува збор за цела наука што одамна ја применуваат европските земји, а ние сме обучени за тоа и со години седиме дома. На пример, документите од Владата се чуваат на интернет-сајтови, без соодветно да се архивираат. Кај нас нема секундарен пристап на зачувување, а станува збор за документи од витален карактер за државата. Тогаш, зошто воопшто се отвори Катедрата по историја со архивистика, кога луѓето седат дома – вели Љубомир Јосифовски, претседател на Здружението на архивисти.

Тој вели дека пред три месеци побарале средба со директорот на Државниот архив, Сашо Јанкуловски, кој ги упатил кај подолните структури во институцијата, од каде што не добиле одговор.
Првата генерација студенти на катедрата на Философскиот факултет се запишала во 2000 година. Оттогаш дипломирале триесетина студенти, од кои една третина се на постдипломски студии. Ниту еден од нив не е вработен.

- Во Архивот се вработуваат партиски војници што поминале едномесечен курс. Тие таму, наводно, се на практика, се додека формално не се вработат. Архивот треба да биде почетна дестинација за истражувањето на македонскиот јазик, култура, традиција, генеза и нација. Архивската граѓа има статус на споменик на културата и неа треба да ја чува некој што знае и некој што му го посветил животот на тоа – тврдат универзитетските професори.

Сашо Јанкуловски, директор на Државниот архив на Македонија, вели дека во последниве 4 години биле вработени 18 лица со средно образование, припадници на заедниците, во согласност со рамковниот договор.

- Тоа се случи кога во сите министерства беа вработувани луѓе од заедниците што ја поминаа обуката за државни службеници. Сега не можеме да примаме нови, бидејќи нема нови места. Се ослободија две места во Велес и во Прилеп, за кои наскоро ќе се распише конкурс. Сите вработувања си одат преку Агенцијата за државни службеници. Погрешни се информациите дека примаме нови луѓе без оглас – вели Јанкуловски.

Што е Државен архив на Македонија?

Државниот архив е владина институција што постои од 1951 година, која ја прима, ја заштитува, ја обработува, ја публикува и ја дава на користење архивската граѓа што е од значење за историјата на македонскиот народ. Документите со кои располага Архивот имаат национална вредност и се третираат како споменици на културата. Таму, на пример, се архивирани Уставот на ТМРО, донесен на Солунскиот конгрес во 1896 година, студијата на Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“, записникот од Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ во 1944 година и многу други оригинални документи. Токму затоа, тврдат упатените, мора да постојат и соодветен систем за нивна валоризација, селектирање и архивирање.

No comments:

Blog Archive

Site Meter