Search This Blog

Saturday, May 29, 2010

Ѓувеч Македонски, Македонска крем супа од зеленчук, Македонска шопска салата (ала волан) ...

Безмалку месец дена помина како останав без мојот животен другар/сопруга. Постов го посветувам на нејзе, ми фали во секоја миута, имавме прекрасно разбирање и скалден фамилијарен живот. Во скоро 30 години брак во кујна завлегував многу ретко. Женами уживаше во готвењето. Колку само емисии за готвење следеше – уживајки во нив, правеше цела шема на следење на такви кулинарски емисии. Во тоа време немав достап до телевизорот … Кујната беше нејзин ресор. Понекојпат знаев да помогнам да замијам тањири и да помагам кога ке се прави зимница или некоја прослава, роѓенден на децата на пример. По загубата готвењето го презедоа децата а јас бев судоперка и набавувач на артикли. Децата инсистираа на ручеци кои не содржат месо и се орјентиравме на Грашок, Боранија, Грав, Леќа, Ориз, Компири, Макарони, Печурки, со богати салати и разните видови на крем супи … и лебот го намаливме на минимум. Е сега без нлашко тешко оди но сведено е на минимум. Овоштие во нашиот дом одсекојпат се консумирало во изобилие а одкако имаме квалитетен соковник секое утро децата се будат со свежо цеден сок од портокали (најчесто) но и друго овоштие, јаболка, лимун, или друго сезонско овоштие …            Повеќе ».....


Јас инсистирав да воведеме ден и за Ѓувеч, јадење кое ретко го правеше женами. Децата (керката и синот) рекоа пошто ни здосади ние да готвиме еве денеска ти прави јадење … Се одлучив за Ѓувеч од конзерва во кој додадов екстра кромид, лук, малку маринирани печурки, компир и ориз. Пред крај додадов измешани две јајца и две  павлаки. Од зачини додадов малку вегета, оригано, црвена лута пиперка …

Бидејки поима немав како се прави Ѓувеч го консултирав интернетот. Пробуричкав по неколку рецепти за правење Ѓувеч 1, 2, 3, 4, 5, … Имаше и други места, но не бев задоволен од понудените рецепти, бидејки имав идеја да го правам без месо со артиклите кои погоре веќе ги имав купено. Се разбира повикав џокер интернет пријателка која беше онлајн. Ми откри каква е процедурата и кој е редоследот во готвењето. Нешто веќе имав забележено/запаметено од порано, готвев дома во последните два месеци бидејки Цаци веќе беше значително болна – готвев по нејзини инструкции …
Земав земјена тава (не е по Хасап, ама готвењето во земјени посуди е вековна традиција во Македонија и воопшто на балканот, замислите си само како ке се зготви тавче гравче ако нема земјена тава … значи хасапот мора да се прилагоди на традиционалното МК готвење и докажаните традиционални рецептури за ова поднебје) во која ја исипав содржината на веќе донекаде припремениот Ѓувеч од конзерва. Од конзервата (горната слика) се гледа дека во неа има термички обработено/стерилизирано/пржено: Пиперка, Црвен домат, Модар патлиџан,  Кромид, Морков, Сок од домати, Грашак, Боранија, Магдонос, Малсо за Јадење, Сол (фали Бамја а немаше ни во гранапот …). Откога ја истурив конзервата видов дека доминира доматот и се одлучив да доставам по мој вкус уште две главици прекрасен кромид и две чешњи лук, кои предходно ги пропржив во малку масло т.е. маргарин за готвење. Две шаки ориз најпрвин ги сварив не до крај (десетина минути со обавезно мешање), потоа оризот го промив во ладна вода, па и него малку го пропржив во масло и го ставив во тавата. Три компири ги излупив, исецкав на кругчиња и ги пропржив во тавата многу малку да заруменат – ги наредив во тавата врз оризот, предходно додадов уште сецкан магданос. Пред компирите да ги ставам додадов малку вегета, мелена алава лута пиперка и малку оригано. Додадов млака вода колку да се покријат компирите и сето тоа го ставив во затоплена релна на 250 степени во наредни 40-сетина минути. Оние кои сакаат во сето ова да има месо (кокошје, телешко, свинско) треба предходно месото посебно да го сварат, раздробат и во овој момент да го распоредат во тавата …
По четририесетина минути го извадив тавчето и го додадов промешаните две јаца и две павлаки. Повторно отиде во релна уште добри дваесетина минути. При крај ја исклучив релната и го оставив да се допече во топлата релна. Овој трик го научив од Цаци/жената ми – во толкуте години готварски стаж во мојата фамилија. Кога се зедовме беше сосема неискусен гтвач – дотогаш по дома готвела мајкаи и постарата сестра. Јас никојпат не реков дека тоа што го готви не е вкусно. Таа навистина добро готвеше, особено и одеа месените работи и кифлиците во разни варијанти. Како последица на сето тоа од 80 килограми догурав до сто и кусур … Секоја паметна жена се труди да го здебели својот маж. Не случајно се вели љубовта во бракот осем во кревет најчесто влегува преку устата и стомакот.
Вака изгледаше тавчето Ѓувеч по јадењето. Ние троица изедовме скоро половина од зготвениот Ѓувеч. Навистина фалеше бамја за мој вкус за да ми заличи на Ѓувечот што го правеше бабами. И самиот се изненадив од успехот и готварскиот подвиг. Задоволни беа и децата – слатко се најадоа.
За супа повторно се одлучив да припремам инстат Македонска крем супа од зеленчук – произведена од Витаминка. Во литар ладна вода осем содржината од кесичката додадов еден рендан морков (рендан на покрупната страна од рендето) и една шака сецкан магдонос. Супата треба да се меша често. Некои пет минути треба особено да се меша за да не претече. Тогаш обично значително ја намалувам топлината на ринглата на еден ипол најчесто. И мешајки ја варам уште некои петнаесетина минути. На крај повторно на топлата рингла ја оставам да се довари додека ринглата не се излади. Во тоа меѓувреме повторно неколку пати ја мешам супата.
Супата е навистина прекрасна во неа према записот од позади се содржи: Пченкарно брашно, Сушени зеленчуци – (Кромид, Компир, Морков, Црвена пиперка, Магдонос, Домат), Пченкарен скроб, Готварска сол, Хидрогенизирана растителна маст, Концентрат од растителни белковини, Декстроза, Квасен екстрат, Пченично брашно и соја … Во некоја прилика ке експериментирам додавајки компири на коцкици и иситнето кокошје бело месо или телешко предходно сварено … Така ке испадне чорбичка која секојпат добро доаѓа на стомакот. Секако ке треба и малку ситно сецкан компир. Самата кесичка од супа е и доста ефтина. Беше 27 денари во мојот маркет а сега е на попуст и е само 20 денари за кесичка.
Ручек на МК трпеза не оди ако нема салата. А фала му на бога за овој прекрасен зеленчук, бидејки на салатите припреми од него може да ни завиди цел свет. Домат, Краставица, Пиперка, Кромид и ронки на Мешано сирење со малку зејтин е тајната на познатата Македонска шопска салата …
На горната салата може да ни завиди цела ЕУ па и светот. Од прекрасни зарзавати растени на МК сонце се добива прекрасниот вкус на оваа МК шопска салата.
Со сето ова чинам дека оди домашно или купечко лесно вино, бело или розе – но може и потенко црвено … Имав во домот но децата нејќеа да ми прават друштво и самиот се откажав од виното. Можам да кажам дека менито од денеска  е прекрасно домашно јадење и воопшто не е тешко за готвење. Ако можев јас како почентник готвач – може секој. Наздравје.

No comments:

Blog Archive

Site Meter